Најдобриот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ, сензационално испадна од Мастерс турнирот во Индијан Велс откако е поразен од 123-тиот тенисер на АТП-листата, Лука Нарди од Италија. За да биде сензацијата уште поголема, Нарди на главниот турнир влезе како „среќен губитник“ откако беше поразен во квалификациите од Гофин, но сепак се најде во главната ждрепка.
Италијанецот победи со 2-1 во сетови, 6-3, 3-6 и 6-4, откако едноставно беше подобар на теренот и сосема заслужено го елиминира индиспонираниот Ѓоковиќ. На Србинот ништо не му одеше од рака и немаше контраигра за одличниот 20-годишен Нарди, кој играше како во екстаза.
Воедно, Нарди е најслаборангираниот тенисер кој го победил Новак Ѓоковиќ на мастерс или гранслем-турнир, а сега настапот на турнирот кој го освои дури петпати го завршува уште во 1/16-финалето.
По натпреварот, Ѓоковиќ беше видно разочаран, му честита на противникот, но не беше сигурен дали ќе настапи на турнирот во Мајами, кој се игра веднаш по овој во Индијан Велс.