Вистинска сензација приредија ракометарите на Швајцарија, кои вечерва одиграа нерешено против актуелниот олимписки шампион, Франција. Французите во текот на целиот меч имаа резултатска контрола, имаа водство од два до четири голови разлика, но на крајот Швајцарија успеа да се врати и извлече бод од натпреварот.
На крајот реални 26-26, бидејќи швајцарците со играта и борбеноста која ја прикажаа и не заслужија да загубат од моќниот противник. Со тоа се компликува и ситуацијата во групата во која е и Македонија, со оглед на тоа дека во последното коло Франција игра со Германија и можеби ќе и треба и победа за пласман во следната фаза, во зависност од резултатот од дуелот помеѓу Македонија и Швајцарија.
Во другите групи, репрезентацијата на Исланд со крајни маки ја совлада Црна Гора со минимални 31-30, во натпревар на кој фаворитот постојано имаше водство, а црногорците постојано успеваа да се вратат резултатски во игра. На последниот меч од првиот дел на денечната програма, Шпанија без никакви проблеми ја совлада Романија со 36-24.