Најдобриот тенисер во историјата, Новак Ѓоковиќ, доживеа шокантен пораз од Рајли Опелка во четвртфиналето на АТП-турнирот во Бризбејн, кој се игра како загревање за првиот гранслем во годината.
Србинот со 2-0 во сетови загуби од американскиот тенисер, кој е на 293-тата позиција на АТП ранг-листата и уште еднаш покажа дека е далеку од препознатливата форма со која освои сè што можеше да се освои во светот на тенисот.
Во првиот сет ниту еден од тенисерите не успеа да направи брејк, па откако дојдоа до 6-6, одлучуваше тај-брејкот, кој му припадна на Американецот со 8-6. Клучниот момент на мечот се случи во четвртиот гејм од вториот сет, кога Опелка направи брејк и поведе со 3-1, потоа и со 4-1, а таа предност успеа да ја сочува до крајот за 6-3 и голема победа.