Сензација во Мелбурн, квалификантка од Украина се пласира во полуфиналето

Украинската тенисерка Дајана Јастремска се пласира во полуфиналето на првиот годинешен гранслем-турнир, Отвореното првенство на Австралија, откако во четвртфиналето во два сета со 6:3, 6:4 ја победи 50-тата тенисерка на ВТА ранг-листата, Линда Носкова од Чешка.

Јастремска до победата дојде само за 78 минути игра и за првпат во кариерата ќе игра во полуфинале на гранслем-турнир.

Во првиот сет, Јастемска двапати го одзеде сервисот на противничката, а само еднаш го загуби својот и тоа беше доволно за да победи со 6:3. Во вториот сет имаше само еден брејк и него го направи Јастремска во седмиот гем, по што со сигурен сервис ја задржа предноста и се пласира во полуфиналето.

Таа во полуфиналето ќе игра против подобрата од последниот четвртфинален дуел меѓу Калинскаја и Женг.

Во машка конкуренција, Данил Медведев е третиот полуфиналист откако во драматичен меч во кој се играа пет сета, го победи Хуберт Хуркач.
Медведев по повеќе од четири часа славеше со 7:6, 2:6, 6:3, 5:7, 6:4.

Противник на Медведев во полуфиналето ќе биде подобриот од дуелот меѓу Карлос Алкарас и Александер Зверев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести