Феникс стигна до сензационален триумф на гостувањето кај шампионот Голден стејт со 111:115. Избраниците на Игор Кокошков одиграа вонсериска партија и успеаја да го свртат резултатот во своја корист иако „воините“ тргнаа фуриозно на стартот од мечот.
Домаќините вообичаено се обидоа во воведните минути да изградат удобна разлика, па имаа +16 уште во првиот период. Меѓутоа, гостите не ја предадоа борбата предвреме, па постепено се враќаа во игра и до полувремето ја стопија предноста на Голден стејт само на еден поен.
Се играше поен за поен во решавачкиот период, а серијата на Феникс од 12-0 на неколку минути пред крајот се покажа како одлучувачка, по која шампионот не можеше да закрепне и го претрпе 21-виот пораз сезонава.
Девон Букер одигра фантастичен меч во кој му недостасуваа два скока за трипл-дабл, а заврши со 37 поени и 11 асистенции. Најефикасен кај домаќините беше Клеј Томпсон со 28 поени, Дурант додаде 25.
Хјустон повторно го доби тексашкото дерби против Далас маверикс, овојпат со минимални 93:94. Рокетси се одбранија во последниот напад, поточно Крис Пол спречи шут за победа на Брансон и го одржа победничкиот ритам на својот тим на осум меча во низа. Далас е во огромна криза и го претрпе 10-тиот пораз во последни 11 меча.
Хјустон го направи првиот потег кон победа во втората четвртина, во која стигна до највисоки +11, но тоа траеше кратко. Далас на три минути пред крајот стигна до израмнување, но потоа „ракетите“ одново ја презедоа иницијативата, па на 30 секунди до крајот двете екипи ги делеше само еден поен. Харден не успеа да го реши мечот, па домаќините имаа напад за израмнување, а шутот на Брансон го блокираше Пол.
За промена, најефикасен од редовите на Хјустон беше Ерик Гордон со 26 поени, 20 додаде Харден. Кај поразените најрасположен беше Лука Дончиќ со дабл-дабл од 19 поени и 15 скока, а Брансон заврши со еден поен помалку.
https://www.youtube.com/watch?v=sdNJdc3kcIQ
Резултати НБА:
Далас маверикс – Хјустон рокитс 93:94
Голден стејт вориорс – Феникс санс 111:115
Мајами хит – Торонто репторс 104:125
Филаделфија севентисиксерс – Индијана пејсерс 106:89
Атланта хокс – Њу Орлеанс пеликанс 128:116
Мемфис гризлис – Орландо меџик 105:97
Минесота тимбервулвс – Њујорк никс 103:92
Сан Антонио спарс – Милвоки бакс 121:114