Американската тенисерка Серена Вилијамс направи нов чекор кон можнo враќање во професионалниот тенис откако Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (ИТИА) ја вклучи на списокот на тенисерки кои од 22 февруари ќе имаат право да се вратат на натпревари.
Ова се случува шест месеци откако 23-кратната гранслем-шампионка во сингл повторно се пријави во антидопинг-системот на ИТИА. Вилијамс, која има 44 години, се појави на официјалната страница на агенцијата.
Сепак, сè уште не е познато дали, кога и каде Серена Вилијамс навистина ќе се врати на теренот.
Кога минатата година беше откриено дека се пријавила во антидопинг-системот, Вилијамс на социјалните мрежи објасни дека не планира враќање, нагласувајќи дека станува збор за погрешни толкувања. Ниту нејзините застапници, ниту претставниците на ВТА не се огласија по повод најновите информации.
Американската тениска федерација порано соопшти дека евентуалното враќање на Серена би било пречекано со големо воодушевување, со пораката дека станува збор за враќање на една од најголемите шампионки во историјата на овој спорт.
Вилијамс нема одиграно професионален меч од Отвореното првенство на САД 2022 година, кога се прости од публиката, истакнувајќи дека не се повлекува, туку дека „еволуира“ надвор од тенисот.
Според правилата, спортистите кои се враќаат во натпреварувачкиот систем мора да бидат достапни за антидопинг-контроли шест месеци пред да им се дозволи враќање на турнирите.
Нејзината повозрасна сестра, Венус Вилијамс, се врати на натпреварите минатото лето со 45 години, станувајќи најстарата тенисерка што настапила во сингл на Отвореното првенство на САД од 1981 година. Венус тогаш изјави дека би сакала Серена повторно да ѝ се придружи на турнејата, потсетувајќи дека заедно освоиле 14 гранслем-титули во двојки.
„Секогаш му кажувам на мојот тим дека сè би било совршено ако и таа беше тука. Секогаш сѐ правевме заедно, затоа ми недостасува“, рече Венус тогаш.

