Серена Вилијамс нема да игра на Отвореното првенство на САД

Серена Вилијамс, која е шесткратна освојувачка на ОП на САД, нема да игра годинава на овој гренслем-турнир во нејзината земја. Вилијамс има повреда која не ѝ дозволува да настапи и да се бори за 24-тиот гренслем-трофеј со кој би го изедначила рекордот во женскиот тенис.

Турнирот кој се игра на Флешинг медоус во Њујорк почнува на 30 август.

„Њујорк е еден од највозбудливите градови на светот и едно од моите омилени места за играње. Ќе ми недостасува да ги видам моите фанови. Ви благодарам за подршката, се гледаме наскоро“, напиша 39-годишната Вилијамс на „Инстаграм“.

Серена, која е 22-ра на ВТА-листата, се повреди во јуни, во првото коло на Вимблдон. Таа лани стигна до полуфинале на ОП на САД, а на тениските терени веројатно ќе ја видиме следната година, кога ќе биде 40-годишна.

На машкиот дел од ОП на САД, ќе ги нема Роџер Федерер, Рафаел Надал, Доминик Тим и Станислас Вавринка.

- Оглас -

Најнови вести