Легендарната тенисерка Серена Вилијамс имаше историски меч на гренслем-турнирот во Њујорк. Во првото коло, Вилијамс успеа да слави против сонародничката Кристи Еш со 7:5, 6:3 и на тој начин стигна до 102-рата победа на Отвореното првенство на САД. Со овој триумф, Вилијамс го надмина рекордот на Крис Еверт, која досега беше тенисерката со најмногу победи на овој турнир, без разлика дали е во машка или женска конкуренција.
Воопшто не беше лесно Вилијамс да го добие мечот со Еш, посебно затоа што во двата сета тргнуваше со заостанување од 0:2. Сепак, мотивот дека ја чека историска победа беше доволен за Серена да заигра како во своите најдобри денови и на крајот да победи.
Вилијамс во кариерата има седум трофеи на ОП на САД, а вкупно 24 во кариерата, што исто така е рекорд и во машка и женска конкуренција. Американката последен пат освоила гренслем на почетокот на 2017 година во Мелбурн, кога беше најдобра на Отвореното првенство на Австралија.
На терените во Њујорк се појави и некогашната најдобра тенисерка Ким Клајстерс. Таа за првпат по осум години реши да биде дел од еден гренслем и веднаш загуби. Белгијката се реактивираше во тенисот, но сега на 37 години не може да им парира на помладите. Русинката Екатерина Александрова ја победи Клајстерс со 3:6, 7:5, 6:1.
На машкиот дел од турнирот, Енди Мареј со неверојатен пресврт стигна до победа од 3:2 против Јошито Нишикори. Јапонецот ги доби првите два сета со 6:4, 6:4, но потоа Мареј стапи на сцена и беше подобар со 7:6, 7:6, 6:4 и се избори за пласман во второто коло.