Мексиканските медиуми шпекулираат дека Лука Модриќ би можело да му се приклучи на својот поранешен соиграч Серхио Рамос во Монтереј откако шпанскиот дефанзивец изјави дека би сакал да го види хрватскиот плејмејкер во тимот.
Модриќ влезе во последните шест месеци од договорот со Реал Мадрид и сè уште нема понуда за продолжување на соработката. Иако неговата желба е да остане во клубот, Флорентино Перес традиционално чека до крајот на сезоната пред да донесе одлука.
Сепак, интересот од Монтереј не е за потценување. Мексиканскиот клуб, кој ќе настапи на Светското клупско првенство ова лето, има финансиска моќ да му понуди атрактивен договор на 39-годишниот Хрват. Компанијата „ФЕМСА“, која го финансира клубот, располага со огромни приходи и не би имала проблем да ги покрие неговите тековни примања од 5 милиони евра годишно.
Дополнително, ФИФА воведе посебен преоден рок за клубовите учесници на Светското клупско првенство, што значи дека Монтереј би можело да потпише со нови играчи во јуни. Тоа би можело да ги забрза одлуките околу иднината на Модриќ бидејќи заинтересираните клубови сигурно нема да чекаат предолго.