Серхио Рамос повеќе не е играч на ПСЖ, се чека истото да го стори и Меси

Легендарниот шпански дефанзивец Серхио Рамос си заминува од Пари Сен Жермен на крајот од сезоната. Во последното коло, ПСЖ на свој терен ќе игра против Клермон, а тоа ќе биде и последен пат Рамос да се појави во дресот на Светците.

„Утре е посебен ден. Утре ќе речам збогум на уште еден дел од мојот живот, а тоа е збогум за ПСЖ. Не знам на колку места можеш да се чувствуваш како да си дома, но ПСЖ, навивачите и Париз за мене се еден од домовите. Благодарам за двете специјални години, сега е на ред нов предизвик. Ќе носам нови бои, но повторно ќе речам: Напред Париз“, е пораката упатена од Рамос.

И првиот човек на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи потврди дека Рамос си заминува.

„Сакам да изразам благодарност на Рамос за двете години кои ги помина со нас. Серхио е вистински лидер, а неговиот тимски дух и професионализмот во комбинација со искуството на највисоко ниво го прават да биде вистинска фудбалска легенда. Беше чест што го имавме во Париз. Сите во клубот му посакуваат само најдобро“, беше пораката од првиот човек на ПСЖ.

Рамос кариерата ја започна во Севилја, а во 2005 година направи трансфер во Реал Мадрид. На „Сантијаго Бернабеу“ остана до 2021 година, а потоа направи трансфер во ПСЖ и тоа во истиот преоден рок кога во францускиот тим дојде и Лионел Меси.

Освен на Рамос, актуелниот договор со ПСЖ истекува и на Меси, па многу веројатно е дека и Аргентинецот на мечот против Клермон за последен пат ќе биде во дресот на францускиот тим.

- Оглас -

Најнови вести