Серија А донесе драстична промена по дивеењето на хулиганите на Рома и Лацио

Натпреварите кои ќе бидат прогласени дека се од висок ризик во италијанското првенство веќе нема да се играат во вечерните часови, одлучи италијанското Министерство за внатрешни работи. Оваа одлука е како одговор на насилството што му претходеше на неделното дерби во Рим меѓу Лацио и Рома. Одлуката на Министерството ќе стапи во сила од следната натпреварувачка сезона.

„Во текот на сезоната 2025/26, натпреварите со висок ризик веќе нема да смеат да започнат во вечерните часови, како што се случи со натпреварот помеѓу Лацио и Рома“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи до Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ).

Според италијанските новински агенции АНСА и АГИ, Министерството за внатрешни работи исто така им забранило на навивачите на Лацио и Рома да присуствуваат на следните три натпревари на гости на нивните тимови. Овие санкции се по жестоките судири меѓу ултрасите на римските клубови и полицијата во пресрет на римското дерби кое заврши нерешено (1:1).

Пред почетокот на натпреварот во 20:45 часот, околу 500 ултраси на Лацио и Рома се обидоа да ги пробијат полициските бариери поставени околу Олимпискиот стадион за да спречат судири меѓу навивачите на двата тима. Полицијата го одби налетот на ултрасите, од кои некои беа вооружени со железни шипки и чекани, користејќи водени топови. Во судирите се повредени 24 лица, а полицијата уапси тројца навивачи на Лацио и тројца навивачи на Рома, на кои им беше забранет влез на стадионот.

- Оглас -

Најнови вести