Серија А ги продаде ТВ-правата за натпреварите од најсилната италијанска лига за следните пет години за сума од 4,5 милијарди евра. Преговорите кои траеја четири месеци, конечно резултираа со договор за којшто гласаа 17 од 20 претставници на екипите од Серија А.
Според новиот договор кој ќе важи до сезоната 2028/29, Серија А ќе заработува по 900 милиони евра по сезона, но тоа е за 30 милиони евра помала сума од актуелниот договор кој ќе заврши идното лето.
Правата за пренесување на натпреварите од Серија А ги откупија ДАЗН и Скај Италија. ДАЗН за преносите на сите натпревари во Серија А годишно ќе плаќа по 700 милиони евра, додека Скај Италија ќе плаќа по 200 милиони за три натпревари од секое коло.
Најнезадоволен од потпишаниот договор е сопственикот на шампионот Наполи, Аурелио де Лаурентис.
„Ова е целосен пораз за италијанскиот фудбал. Овие договори значат негова смрт“, изјави Де Лаурентис.