Заврши сезоната за Филипе Кутињо откако му се предвидува пауза од шест недели по направената операција на глуждот. За офанзивниот плејмејкер практично заврши и позајмицата во Баерн Минхен, која според договорот со Барселона му истекува ова лето.
Бразилецот тешко дека ќе закрепне и да одигра барем на еден од преостанатите осум меча во Бундеслигата, која официјално стартува на 16 мај. Веќе е познато дека Баварците нема да ја активираат опцијата за откуп од 120 милиони евра, па така Кутињо ќе се врати на „Камп ноу“ кога ќе биде во можност, а прашање е колку таму ќе се задржи.
Каталонците планираат да го продадат промашеното засилување од Ливерпул, според најавите можно е Кутињо да се врати во Премиер лигата.