Кујтим Шаља е фудбалер од Косово кој го задолжи Динамо Загреб и хрватскиот фудбал, а вчера објави слика со Звонимир Бобан од деновите кога беа во Динамо. Во тоа време Шаља беше омилен кај фановите во Загреб, доби и хрватско државјанство, а настапи и на историскиот меч Хрватска – САД на 17-ти октомври 1990, кога многу родени Хрвати се плашеа да играат. Поради настапот на тој меч, Шаља цели десет години не смеел да оди во своето Косово.
За Динамо, Шаља одигра 53 меча и даде 19 гола, а денеска живее во Германија.
„Не сум се чул со Звоне, пробав да стапам во контакт, но не оди. Не ме повика на мечот кога се повлече, но му простувам, секогаш ќе ми биде драг“, изјави неодамна Шаља.
Кујтим поради суспензија не беше во составот на Динамо на 13-ти мај 1990, кога на „Максимир“ се судрија навивачите на Динамо и Црвена ѕвезда, со што се најави распадот на Југославија.
„Бев казнет, а кога ќе размислам, фала му на Бога што не бев на терен. Не знам како ќе реагирав ако милицаецот ме удреше со пендрек, како што се изживуваше со Звоне Бобан. Видов како Бобан добива удари додека се обидува да спаси роднина. Кога ќе се сетам дека милицаецот сакал да пука, ме полазуваат морници. Да бев во близина, можеби ќе имаше мртви. На трибините имаше многу мои пријатели и роднини од Косово и Албанија, којзнае како ќе реагираа ако јадев ќотек од милицијата“, рече Шаља.