Шалке го разреши Баум, тимот ќе го води најлегендарниот тренер на клубот

Во пресрет на последните два натпревари на тимот во 2020 година, бундеслигашот Шалке 04 одлучи да му врачи отказ на досегашниот тренер Мануел Баум, под чие водство екипата од Гелзенкирхен сезонава нема ниту една победа, а поминаа веќе 12 кола. Баум имаше договор до јуни 2022 година.

За привремен тренер е поставена легендата Хуб Стевенс и тој ќе се појави на клупата на Шалке веќе утре, против Арминија. Холандскиот искусен стручњак досега во три различни периоди го водел Шалке, ова ќе му биде четврти мандат. Тој беше тренер на Шалке од 1996 до 2002 година, па од 2011 до 2012, како и во финишот на сезоната 2018/19, кога исто така имаше улога на привремен тренер.

Со Стевенс на клупата, Шалке во 1997 година го освои Купот на УЕФА, а во 2001 го освои Купот на Германија. Стевенс, кој сега има 67 години, беше прогласен за тренер на векот во Шалке, а на тренерското кормило доаѓа од супервизорскиот борд на клубот, каде што е две години.

- Оглас -

Најнови вести