Приоритет на Јувентус останува ангажманот на Мауро Икарди за шпицот на нападот, но шампионите на Италија имаат и одлична алтернатива.
Ако не успее во следниот преоден рок да се засили со аргентинскиот напаѓач, кој е играч на Интер на позајмица во Пари Сен Жермен, тогаш Старата дама од Торино ќе се обиде да го ангажира англискиот репрезентативец Хари Кејн.
„Калчомеркато“ најавува ваква варијанта, а при преговорите би помогнал и Арон Ремзи, кој е член на Јувентус. Во преговорите на релација Јувентус – Интер, актуелниот првак на Италија нуди пакет од четворица играчи за да го добие Икарди.
На „Џузепе Меаца“ би требало да пристигнат Де Шилјо, Алекс Сандро, Даглас Коста и Миралем Пјаниќ, но засега нема конкретен напредок во преговорите на двата големи ривали во Серија А.
Тотенхем за Кејн истакна цена и таа е неверојатно висока, па ако Јувентус сака да го има англискиот репрезентативец во своите редови, треба да го урне светскиот рекорд.
Клубот од Лондон објави дека Кејн не може да си замине за отштета помала од 227 милиони евра, што е за пет милиони повеќе од актуелниот рекорд при трансферот на Нејмар од Барселона во ПСЖ.