Шампионката се откажа – Барти нема да ја брани титулата на Ролан Гарос

Ешли Барти го откажа учеството на Ролан Гарос поради страв од корона-вирусот и Австралијката без борба ќе ја предаде титулата што ја освои лани во Париз.

Австралијката не игра ниту на САД опен, турнир кој е во тек, а нема да ја брани ниту единствената гренд-слем круна што ја има освоено, лани во Париз на Отвореното тениско првенство на Франција.

„Ланскиот турнир на Ролан Гарос е најдоброто нешто што ми се случило во животот, но за жал морав да донесам тешка одлука. Нема да играм сезонава во Европа. Првата причина е што се уште постои опасност од корона-вирусот и втората е што пандемијата ме спречи да тренирам со полн капацитет. Разочарана сум, но здравјето ми е на прво место“, изјави Барти.

Лани, 24-годишната тенисерка од Ипсвич, Австралија приреди подвиг и со убедлив триумф од 6:1, 6:3 во финалето против Маркета Вондрушова го освои пехарот на Ролан Гарос.

Сезонава поради пандемијата со Ковид-19, популарниот Френч опен ќе се игра од 27. септември, наместо во финишот на мај и почетокот на јуни како што е вообичаено.

 

- Оглас -

Најнови вести