Шампионот сезоната ја заврши на шампионски начин

Луис Хамилтон е победник на Ф1 трката во Абу Даби на патеката Јас Марина, и на убедлив начин ја заврши сезоната во која ја освои петтата титула. Хамилтон прв влезе во боксот да ги смени гумите, и успеа да ги зачува до крајот, без тоа да му ја загрози победата. За него тоа е 11-та победа сезонава. Втор низ целта мина Себастијан Фетел, а трети е Макс Верстапен.

Самиот старт не донесе возбуда, но само неколку стотини метри подоцна Нико Хулкенберг се удри во Грожан, се изврте и за среќа остана неповреден.

„Извадете ме оттука, има пожар“ – беше првата реакција на Хулкенберг кој се најде во превртен и запален болид, а потоа најде време и да се пошегува: „Добар сум, само висам како крава“.

Трката во Абу Даби беше последна за Кими Раиконен како член на Ферари. Неговиот болид имаше механички проблем, па тој не ја заврши трката и со тоа си го загрози третото место во генералниот пласман. Но, ривалите кои се на четврто и петто место, не успеаја да го надминат, па Кими од подиум си замина од италијанскиот тим.

Имаше и слаб дожд, кој не им направи проблеми на пилотите, па немаа потреба да менуваат гуми за возење по влажна патека.

- Оглас -

Најнови вести