Шампионот со пресврт го „сруши“ лидерот и се искачи на врвот од женската фудбалска лига

Првата женска фудбалска лига на Македонија има нов лидер откако актуелниот шампион Љуботен на домашен терен ја совлада Тиверија со 2-1 и се искачи на врвот од табелата. Дуелот на Градскиот стадион во Тетово донесе големи возбудувања, а први до водство стигнаа гостинките од Струмица со голот на Теона Галабовска уште во седмата минута.

Љуботен во второто полувреме направи комплетен пресврт и заслужено дојде до победата преку американската интернационалка Мариса Никол Васкес, која беше прецизна во 55-тата и во 71-вата минута за три бода за тетовки.

Битолското дерби помеѓу Топ гол и Атлетико заврши без голови, 0-0, додека најубедливата победа ова коло ја забележаа фудбалерките на Скопје, кои славеа на гостувањето кај Речица со 1-4. На последниот меч ова коло, Истатов на домашен терен го совлада АС јунајтед со 2-1.

На табелата во водство е трикратниот шампион на Македонија, Љуботен, со 40 поени, два повеќе од Тиверија и +6 од Каменица Саса, која има и натпревар помалку.

- Оглас -

Најнови вести