Денис Шаповалов тренираше со Рафаел Надал како загревање за завршницата на егзибицискиот турнир во Абу Даби и признава дека Шпанецот го прегазил на терен.
„Ме убиваше со секоја топка и затоа верувам дека е подоготвен за да продолжи со успеси по паузата. Секогаш кога се обидував со цела сила да го удрам топчето за да поентирам, успеваше да ме надигра. Си велев во себе, проклетство колку е добар“, изјави Шаповалов.
Канаѓанецот е еден од најкорпулентните тенисери на АТП турнирите и има моќен удар, но признава дека Надал е блиску до формата што на Шпанецот му донесе 20-гренслем титули и ореол на непобедлив на Ролан Гарос и на уште неколку турнири на земјена подлога што ги освојуваше над десет пати.
Шаповалов во моментов го игра првото полуфинале во Абу Даби против Рублев и ако победи ќе има шанса да игра против Надал за пехарот, ако Шпанецот од 16 часот денеска го надигра Енди Мареј во второто полуфинале.
За Надал ова е прв настап по пауза од четири месеци и пред Абу Даби во август играше на АТП турнирот во Вашингтон и потоа паузираше до сега.