Марија Шарапова испадна, публиката се радуваше

Домашната тенисерка Ашли Барти се пласираше во четвртфиналето на Отвореното првенство на Австралија, откако со 4-6, 6-1, 6-4 ја елиминираше Марија Шарапова. Освен тоа што испадна, Русинката го навлече гневот на публиката, која смета дека таа на неспортски начин се обидела да ја исфрли противничката од ритам.

Откако го загуби вториот сет, 30-тата носителка и петкратна освојувачка на гренд-слем титули, Шарапова, побара да оди во тоалет, а кога се врати на теренот (после 7-8 минути), беше исвиркана од публиката на „Род Лејвер арената“ во Мелбурн. Барти беше подобра и во третиот сет, во кој поведе со 4-0, па долгото задржување на Шарапова во тоалет, не ја исфрли од ритам.

Барти која има 22 години, е првата Австралијка по Јелена Докиќ од пред 10 години, која стигнала до четвртфинале на еден гренд-слем. Во четвртфиналето, таа ќе се сретне со Петра Квитова, која со 6-2, 6-1 ја растури Аманда Анисимова. Најголемото изненадување кај жените го приреди Даниел Роуз Колинс (35-та на светот), која ја декласираше втората носителка Анџелик Кербер со 6-0, 6-2.

Германката Кербер која лани го освои Вимблдон, за 56-те минути игра освои само два гејма, па Колинс сега ја чека четвртфинале со Стивенс или Пављученкова.

За разлика од кај жените, кај мажите е здодевно, главните фаворити не дозволуваат киксови. Вториот носител Рафаел Надал во три сета ја заврши работата со Томаш Бердих. Чехот во првите два сета освои само еден гејм. Следен ривал на Шпанецот е Френсис Тијафо, кој со 3:1 во сетови го совлада Григор Димитров. Во сите четири сета, победникот мораше да освои по седум гејма. На Тијафо му беше роденден, наполни 21 година и ова му е најголем успех во кариерата.

„Пријатели сме со Григор. Минатиот пат кога игравме, тој победи, но му реков дека следниот пат јас ќе славам, и така испадна“ – изјави Тијафо кој ќе се обиде да го намачи или победи Надал во четвртфиналето.

- Оглас -

Најнови вести