Шефилд вензди воведе новост во Англија: Навивачи со неоригинални дресови ќе бидат бркани од стадионот!

Легендарниот англиски клуб Шефилд вензди, кој има повеќе од 150 години традиција, реши да тргне во борба против пиратеријата на дресови. Овој клуб кој се натпреварува во Чемпионшип, одлучи сезонава да не дозволува на трибините да има навивачи кои носат фалсификувани дресови, односно дресови кои не се оригинал купени од официјалната продавница.

Од клубот велат дека така сакаат да го заштитат сопствениот бренд и дека доколку некој навивач биде забележан на трибините на стадионот „Хилсборо“ со неоригинален дрес, ќе треба да си замине.

„Не може да ги спречиме фановите да носат фалсификувани работи, но од нив ќе бараме на стадионот да не влегуваат со фалсификувани дресови. Секој кој ќе биде забележан дека на трибините е со дрес кој не е оригинален, ќе биде замолен да си замине“, стои во соопштението на клубот од Шефилд.

Навивачите сè почесто се одлучуваат да купат неоригинални дресови поради цените кои се во официјалните фан-шопови. Во шопот на Шефилд вензди, дресовите по кратки ракави се по цена од 69 фунти, додека тие кои се со долги ракави чинат 77 фунти.

Фановите во Англија сè погласно негодуваат поради скапите официјални дресови, па така пред почетокот на Европското првенство ова лето имаше наплив на неоригинални дресови од англиската репрезентација.

Оригинален дрес на Англија чини 85 фунти, а на „пазарче“ дресот на Англија може да се купи само за 11 фунти.

„Доколку беа по некоја разумна цена, сигурно ќе купев оригинален дрес, но ова е грабеж. Затоа купив копија дрес. Некои луѓе не може ни тие неоригинални дресови да си ги купат затоа што имаат малку пари“, вели еден навивач.

Британците направиле и споредба со растот на цената и вредноста на дресовите од пред 22 години. Пред Светското првенство во 2002 година дресот на Англија чинел 40 фунти, но според куповната моќ, тие 40 фунти биле на исто рамниште како што сега се 71,6 фунти, што секако е повторно помалку од актуелната цена на оригинален дрес на Англија, кој чини 85 фунти.

- Оглас -

Најнови вести