Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, јавно го критикуваше раководството на Реал Мадрид поради тензијата која ја создаваат со јавните настапи, а ова посебно се однесува на нивната клупска телевизија.
„Тензиите во овој случај не ги крева Барселона. Тоа не го прават ни другите клубови. Од Реал против сите. Против Барселона, против судиите, против сите. Мислам дека тоа што го прават е погрешно. Нивниот наратив не му помага никому. Наративот на Реал е тоа дека она што се случува денес, со одредени грешки на судиите, е последица на тоа што се случувало во 2017 или 2019 година. Се обидуваат да креираат мислење дека судиите се под некакво влијание. Тоа е опасно и не е вистинито. Од таквиот наратив се создава тензија“, вели Хавиер Тебас.
Претседателот на Ла Лига се осврна и на случајот Негреира.
„Сите го знаат моето мислење за случајот Негреира. Не велам дека потезите на Барселона од тоа време, односно на луѓето од раководството на клубот, не се проблематични. Ние први пријавивме во обвинителство, први рековме дека мора да се поведе истрага и ако има потреба, да бидат изречени санкции. Но, денес да се зборува за недосуден пенал за Реал како последица од тоа? Има голема разлика, така прават тензија преку клупската телевизија“, додава претседателот на Ла Лига.

