Најтрофејниот англиски клуб Манчестер јунајтед за многу брзо време може да добие нов тренер. Според најавите од Англија, челниците на Црвените ѓаволи веќе размислуваат за смена на Оле Гунар Солскјер.
По првите три кола, Манчестер јунајтед освои само три бода, а во последниот меч доживеа дебакл и пораз од 1:6 од Тотенхем. Токму некогашниот тренер на Тотенхем, Маурисио Покетино, се најавува како можен наследник на Солскјер. Норвешкиот стратег дојде на клупата на „Олд Трафорд“ во декември 2018 година, на местото на Жозе Мурињо. Актуелниот договор на Солскјер е до јуни 2022 година.
Доколку Солскјер добие раскинување на договорот, Манчестер ќе треба да му исплати четири милиони евра. Покетино е без работа од минатиот ноември, кога по петгодишна работа во Тотенхем беше принуден да си замине од лондонскиот тим. Аргентинскиот стратег беше тренер во Саутхемптон, а со Тотенхем стигна до финалето во Лигата на шампионите, но не освои ниту еден трофеј за петгодишната работа.