На шеикот Мансур, газдата на Манчестер сити, не му е доста од купување клубови, во својата империја вклучи и осми клуб кој ќе биде во сопственост на „Сити фудбал груп“.
По „граѓаните“, Мелбурн сити (Австралија), Њујорк сити (САД), Жирона (Шпанија), Атлетико Торке (Уругвај), Јокохама маринорс (Јапонија) и од неодамна Сишуан Џиуниу (Кина), Мумбаи сити од Индија ќе стане осмиот клуб кој ќе ѝ се приклучи на групацијата која ја поседува шеикот од Абу Даби.
„Брзо се развиваме и мора да бидеме внимателни, но дефинитивно планираме идни проширувања. Веќе две години ги разгледуваме опциите во Индија и мислам дека го најдовме клубот во којшто ќе инвестираме. Сепак, нема да застанеме и таму, планираме да стигнеме до бројката од 10 клубови, тоа е нашиот план засега“, истакна извршниот директор на Манчестер сити, Феран Соријано.
Допрва ќе следува официјална понуда до клубот кој засега е во сопственост на две актерски ѕвезди од Индија.