Поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед, легендата Теди Шерингам, остро го критикуваше однесувањето на Маркус Рашфорд, велејќи дека тој не заслужува трансфер во Барселона бидејќи покажува непочитување кон Црвените ѓаволи, со кои уште е под договор.
„Секој млад фудбалер сонува да игра за тим како Манчестер јунајтед. А, кога ќе стигнете таму, мора да го цените тоа. Не може да го отфрлиш клубот и да велиш дека сакаш да си заминеш“, изјави Шерингам.
Шерингам ја опиша ситуацијата како „срцекршачка“, споредувајќи ја со неговата генерација, кога играњето за клуб како Јунајтед се сметаше за најголема чест.
„Не ми се допадна кога Обамејанг го направи истото во Арсенал. Беше катастрофално и се надевам дека Рашфорд нема да го добие трансферот што го сака. Од моја гледна точка, ако оди од Манчестер во Барселона, тоа е чекор напред кој не го заслужува“, додаде Шерингам.
Рашфорд десет години играше за Јунајтед и на 426 меча даде 138 голови. Последната полусезона ја мина како позајмен во Астон вила, а сега бара да замине во Барса.
Тој не е единствен што сака летово да го напушти „Олд Трафорд“, такво нешто посакуваат и Џејдон Санчо, Алехандро Гарначо, Антони и Тајрел Маласија.