Шерингам: Роналдо би можел да го замени Халанд во Манчестер сити

Влезе во петтата деценија од животот, меѓутоа Кристијано Роналдо и понатаму неуморно ги тресе противничките мрежи. Во актуелната сезона, португалската ѕвезда постигна 32 гола и додаде уште четири асистенции за Ал-Наср на 35 одиграни натпревари.

Очигледно е дека Роналдо ужива во животот на Блискиот Исток, па на почетокот од годинава ја продолжи соработката со клубот од Саудиска Арабија, потпишувајќи договор вреден над 167,9 милиони фунти. Со тоа ја задржа титулата на најплатен фудбалер во светот.


Новиот договор го врзува со Ал-Наср до јуни 2026 година, кога ќе има 41 година.

Роналдо веќе откри дека по крајот на играчката кариера се гледа како сопственик на фудбалски клуб, со што би ја продолжил поврзаноста со фудбалот, но сè уште не е познато кога точно ќе се повлече од терените. Иако сè укажува дека кариерата ќе ја заврши во Саудиска Арабија, постои и сценарио во кое би можел да се врати во европскиот фудбал.

Својата визија за тоа каде би можело да ја продолжи кариерата Роналдо ја сподели и Теди Шерингам, поранешен напаѓач на Манчестер јунајтед и освојувач на Лигата на шампионите, како и трикратен шампион на Англија со Црвените ѓаволи.


Според британскиот „Дејли мејл“, Шерингам верува дека постои шанса Роналдо да заврши кај најголемите ривали на својот поранешен клуб, во редовите на Манчестер сити.

„Мислам дека навивачите на Манчестер јунајтед не би биле среќни. Ако бројките се совпаднат, Роналдо веројатно би ја зграпчил таа можност со двете раце. Тој дефинитивно знае да даде гол, нели? Тоа е неспорно“, изјави Шерингам.

Имајќи предвид дека Манчестер сити веќе некое време е без Ерлинг Халанд, својот најдобар стрелец, Шерингам смета дека токму тој факт може да ги отвори вратите за доаѓање на Португалецот на „Етихад“.

„Да, изгледаа малку изгубено без својата главна напаѓачка алатка, нели? Немаа ист ритам во играта, но не знам. Вау, дури и не помислив на тоа, но Роналдо сигурно би бил возбуден поради тоа. Тоа би било забавно,“ рече Шерингам и додаде:


„Би се обложил дека ако му се понуди можност да премине во Манчестер сити, би ја прифатил без двоумење.“

- Оглас -

Најнови вести