Не го положија колоквиумот во мај, ќе преполагаат во јунска сесија – Пет стадиони во Португалија паднаа на тест

Португалците го закажаа рестартот на првенството за 4 јуни, а засега е сигурно дека фудбалски натпревари ќе можат да се играат на 10 од вкупно 15 стадиони на прволигашите кои ги пријавија своите арени за настап во последните 10 кола.

Зелено светло по проверката на здравствените власти добија вкупно 10 фудбалски арени во земјата на актуелните европски прваци, а пет ќе мораат на поправен испит.

Спортинг, Порто, Бенфика, Брага, Портимоненсе, Гимараиш, Тондела, Маритимо, Санта Клара и Пашош Фереира ќе можат да ги играат натпреварите на своите стадиони и во продолжение на првенството бидејќи ги задоволуваат сите услови според строгите протоколи на медицинските лица во Португалија.

На првиот тест паднаа: Сетубал, Авеш, Жил Висенте, Боависта и Рио Аве, а Белененсеш, Фамаликао и Мореиренсе секако ќе мораат да играат на неутрален терен бидејќи нивните домашни арени не можат да го положат строгиот тест на здравствените власти во Португалија, па не се ни обидоа да ги пријават за настапи во продолжението на шампионатот.

Пред почетокот на кризата со ковид-19, или до прекинот на натпреварите во Првата лига, Порто беше лидер со 60 бода и ќе тргне со еден бод предност пред Бенфика во битката за титулата на двете најтрофејни екипи во Португалија. Според распоредот, треба да се одиграат уште 10 кола до крајот на сезоната 2019/20.

- Оглас -

Најнови вести