Петте победници на третолигашките региони, како и екипата која го освои 14-тото место во Втората лига, Осогово, попладнево ќе играат за пополнување на второлигашката конкуренција за следната сезона.
Несомнено најинтересен ќе биде бараж-мечот кој ќе се одигра на „Градскиот стадион“ во Кавадарци, а на кој се среќаваат второлигашот Осогово и победникот на Третата лига – Север, Шкендија од Арачиново. Екипата од скопско Арачиново сака враќање во Втората лига после точно 20 години, откако во 2005 година испадна од второлигашката конкуренција, додека Осогово во овој меч влегува со амбиција да го задржи статусот кој го имаше и оваа сезона.
Двократниот освојувач на Купот на Македонија, Тетекс, после една сезона во Третата лига – Запад и убедливо освоеното прво место, сака експресно да се врати во Втората лига, а за тоа ќе им биде потребно победа над шампионот во Третата лига – Југ, екипата на Големо Коњари од истоименото прилепско село. Овој меч ќе се одигра на стадионот во скопската населба Ѓорче Петров.
На терените на ФФМ во Ново Лисиче, во последниот бараж-меч, се среќаваат најдобрите екипи од Третата лига – Исток, Слога од Виница, и победникот од Третата лига – Југозапад, Преспа од Ресен. Екипата од Виница последен пат во второтлигашката конкуренција играше во 2023 година, додека Преспа да се врати во повисок ранг по пауза од 25 година, со оглед на тоа дека последен пат во Втората лига играа во сезоната 1999/2000.
Сите натпревари се играат со почеток во 17 часот, а победниците обезбедуваат место во Втората лига за следната сезона.