Шестмесечна суспензија за Италија, нема да игра на еден голем настан во ватерполо

Единицата за интегритет на водени спортови (AQIU) го суспендира италијанскиот машки ватерполо тим на шест месеци поради вербални и физички напади на официјални лица по поразот од Унгарија во четвртфиналето на Олимписките игри во Париз.

Федерацијата е казнета и со 100.000 долари, од кои 50.000 мора да се платат во рок од 90 дена, додека 50.000 долари се условени и ќе бидат активирани во случај на ново прекршување на Кодексот до 17 октомври 2026 година.

На олимпискиот турнир летоска Италија загуби од Унгарија на пенали. Еден од клучните моменти се случи на крајот на втората четвртина, кога судиите го исклучија Франческо Кондеми поради „бруталност“. Италијанецот шутираше кон голот и откако му ја испушти топката од рака, го закачи Јаншик по главата. На Италијанците им беше поништен голот, во следните четири минути останаа со играч помалку, а Унгарците добија и петерец.

Италијанците полудеа по судиската одлука, а правдата очигледно ја бараа по натпреварот.

„Италијанскиот селектор Сандро Кампања и дел од играчите вербално и физички ги нападнаа судиите и делегатите на паркингот пред базенот по натпреварот“, соопшти АКИУ.

Интересно, AQIU потврди дека потегот на Франческо Кондеми бил легитимен и не требало да биде исклучен. Сепак, Одделението истакна дека италијанското однесување е неприфатливо во кој било спорт и особено го нарушува глобалниот имиџ на ватерполото.

Италијанците и Кампања се извинија за инцидентот. Суспензијата започна вчера, на 17 октомври, што значи дека Италијанците нема да можат да се натпреваруваат на Светскиот куп на ФИНА во ватерполо во Нови Сад, но ќе може да се појават на Светското првенство во водени спортови во Сингапур следното лето.

- Оглас -

Најнови вести