Легендата на европскиот фудбал и актуелен украински селектор, Андриј Шевченко, во пресрет на утрешниот меч против репрезентацијата на Македонија во Букурешт изјави дека македонскиот национален тим е многу опасен и не смее да биде потценет.
„Македонија е тим кој заслужува респект. Имаат карактер, формацијата 5-3-2 е нивен стил. Тимот игра добро во контранапад, во последните години имаа некои добри резултати, победуваа топ-тимови. Мора да бидеме внимателни, особено на нивните контри“, изјави Шевченко.
Временската прогноза за утре не е баш поволна, за време на мечот, кој стартува во 15 часот, се најавува силен дожд.
„Не можеме да влијаеме на тоа. Ако природата сака така, ќе мора да се игра во такви услови. Се надевам дека дури и ако врне силен дожд, нема да биде толку силен за да мора да се прекине мечот“, рече популарниот Шева.