Американската скијачка, Микаела Шифрин, денеска дојде до 40-тата слаломска победа во кариерата, и се изедначи со Ингемар Стенмарк на првото место на вечната листа на најуспешни скијачи во најтехничката дисциплина. По 40 победи во една дисциплина имаат само Шифрин и Стенмарк во слалом, како и Линдзи Вон со 43 триумфи во спуст.
Шифрин пред некој ден наполни 24 години, пред неа има уште доста сезони во Светскиот куп, и може да стане најуспешната на сите времиња. Стенмарк е рекордер со 86 победи, но ако продолжи во вакво темпо, Шифрин која има 59, од кои 16 сезонава, за неколку години може да го престигне. Американката не се натпреварува само во спуст и тоа е нејзина голема предност.
Утре најверојатно да биде историски ден за скијањето, бидејќи се очекува Шифрин да го освои малиот кристален глобус во велеслалом (Микаела треба да заврши меѓу првите 15 во случај на победа на Влхова), и да стане првата во овој спорт без разлика дали маж или жена, која во иста сезона била најдобра во три различни дисциплини (слалом, велеслалом и супер-џи).
На осум слаломи во една сезона има победено само уште Јаница Костелиќ. Денеска Шифрин победи со само 7 стотинки подобро време од Венди Холденер. Малерозната Швајцарка има 22 подиуми во слалом, но уште нема победа.