Најуспешната скијачка на сите времиња, Американката Микаела Шифрин, денеска во Куршевел ја збогати својата колекција на златни медали од светските првенства.
Шифрин триумфираше на велеслаломската трка и дојде до седмото светско злато, а прво во велеслалом. Има пет злата во слалом и едно во супервелеслалом.
Пред неколку дена имаше шанса за ново злато и во супер-џи трката, но остана втора и мораше да се задоволи со сребро, додека во супер комбинација златото го испушти на претпоследната врата од слаломот.
Интересно е што Шифрин се раздели со својот долгогодишен тренер среде Светското првенство, но дури откако го отпушти, стана шампионка. Второто место го освои Федерика Брињоне, трета беше Рагнилд Мовинкел.