Патрик Шик е првиот играч со три погодоци на Европското првенство, откако напаѓачот на Леверкузен ја продолжи голгетерската серија и против Хрватска. Шик погоди од пенал во 37-тата минута за водство на Чешка од 1-0 против Коцкастите, oткако врз него Ловрен направи фаул во опасната зона удирајќи го со лактото директно во носот, а притоа хрватскиот стопер играше и со рака.
Во натпревар и пол Шик стигна до три гола на првенството, што е за еден помалку од Владимир Шмицер, односно за два помалку од Милан Барош, поранешниот чешки напаѓач кој беше најдобар стрелец на ЕП 2004 со пет погодоци. Шик може да ги достигне двете легенди на чешкиот фудбал доколку до крајот на турнирот забие барем уште два гола.