Огромен успех оствари најдобриот македонски шаховски клуб, Алкалоид, кој дојде до европската вицешампионска титула на Европскиот куп на шампионите кој од 19. октомври до денеска се одржуваше во Врњачка бања, Србија.
Во последното коло од „ шаховската Лига на Шампиони” екипата на Алкалоид стигна до висока победа од 5-1 против екипата на Шартрес од Франција. Со овој резултат Алкалоид освои 12 меч бодови, еден помалку од екипата на Нови Бор од Чешка која што заслужено го подигна шампионскиот трофеј. Бронзениот медал и припадна на екипата Вадос од Романија.
Играчите на новиот вицешампион одиграа одличен турнир, освојувајќи медали на своите табли. Еригсиси Арџун на првата и Ју Јангји на третата табла се закитија со златни медали. Аравиндтх Читамбарам освои бронза на четвртата табла, додека Александар Инџиќ освои сребро на шестата табла.
Ова е трет медал во клупската историја на Алкалоид на престижното натпреварување Европски клупски куп. Претходно во 2016 година македонскиот шампион го освои златниот, а во 2017 година првиот сребрен медал.