Со 13 победи во 16 натпревари, фудбалерите на Струга Трим Лум имаа речиси совршена есен. На табелата се веднаш зад лидерот Вардар, само со бод заостанување, и сигурно дека напролет ќе ја продолжат трката за шампионската титула.
Тренерот Бледи Шкемби е задоволен од постигнатото и изразува благодарност до сите кои го поддржувале тимот во овој период.
Шкемби несомнено е еден од најуспешните тренери што ја воделе Струга Трим Лум, а со резултатите постигнати како дебитант, тој е и рекордно успешен на клупата на клубот. Меѓутоа, покрај овие достигнувања, тренерот останува скромен и успехот го припишува на фудбалерите и на управата која постојано го поддржувала.
„Најпрво, целта ни беше да создадеме силен и сплотен тим бидејќи од минатата сезона имаше многу промени. За среќа, успеавме да формираме тим кој од тренинг во тренинг се подобруваше, а самодовербата растеше од натпревар во натпревар. Не случајно сме на второто место“, вели тренерот на Струга Трим Лум.
Шкемби нагласи дека најзаслужни за досегашниот успех се играчите и управата, кои го поддржувале во секој момент.
„Не го гледам ова како личен успех. Најпрво, голема благодарност до играчите, тие се професионалци во секој момент. Благодарност и до клубот за коректноста и спокојот што ни го обезбеди. Тие заедно ми го олеснија дебито во Првата лига на Македонија. Со бодовите сум многу задоволен, мислам дека направивме сè што можевме. Тимот не згреши во ниту еден момент од сезоната“, анализира Бледи Шкемби.
Тој исто така се осврна и на борбата за титулата која ќе следи напролет.
„Мислам дека за шампионската титула ќе се борат првите четири екипи бидејќи до крајот има уште многу натпревари. Ќе се подготвиме добро за вториот дел од првенството.“

