Шампионот стана махер за реми – Шкендија и Шкупи ја продолжија традицијата

Шкендија не личи на екипата што доминираше во последните неколку сезони во Македонија и актуелниот првак повторно одигра нерешено, по четврти пат сезонава во шест кола.

Денеска во дербито на шесттото коло во Првата лига, Тетовци одиграа без голови против Шкупи, со што продолжи традицијата. Ова е четврто реми по ред меѓу двете екипи што се кандидати за шампионската круна.

Во скромна претстава и двете екипи имаа малку шанси за победа, а се играше премногу претпазливо. Матеј Цветановски во финишот на мечот ја погоди стативата и пропушти шанса да му донесе победа на Шкупи.

Домаќините бараа пенал во 83-тата минута, но судијата не покажа на белата точка, по што играчите на Шкендија протестираа, но без ефект.

Шкупи по ремито во Тетово, ја загуби лидерската позиција и сега е на третото место со 11 бода, зад Академија Пандев со 13 и Струга со 12 бода.

Со Шкупи по 11 бодови имаат и Ренова и Работнички. Шкендија е на седмото место само со една победа во шест кола, а четвртото реми сезонава им донесе само еден бод и сега со 7 бода се во друштво на Брегалница и Борец во долната половина на табелата.

Табела: Академија Пандев 13, Струга 12, Шкупи, Ренова и Работнички по 11, Македонија Ѓ.П. 9, Шкендија, Брегалница и Борец по 7, Скопје 5, Тиквеш 2 и Пелистер 1 бод.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести