Шкендија го фати последниот воз за победа во Кратово

Бесарт Ибраими со гол во втората минута од судиското продолжение го победи Силекс со 2:1 и ја продолжи неверојатната традиција против прволигашот од Кратово.

Од последните 24 дуели меѓу Силекс и Шкендија, тетовци добија дури 22, вклучувајќи го и денешното дерби од шестото коло во македонската Прва Лига.

Најдобриот стрелец во првенството, Ибраими беше на вистинското место и во фото-финиш погоди за три бода. Претходно Бесмир Бојку и донесе предност на Шкендија, а Христијан Гроздановски израмни за Силекс.

Во Битола лидерот Академија Пандев повторно одигра прекрасен меч и со 4:2 ја победи Победа. Миловановиќ со два гола за струмичани беше лидер на теренот, а гол-првенец постигна Ванче Шиков. Еднаш погоди и капитенот Љупче Дориев. За Победа стрелци беа Ефремов и Мустафов.

Серафимовски и Ивановски со голови во финишот и донесоа сефте победа на Беласица, на дуелот со Ренова во Тетово, а прв триумф сезонава забележа и Шкупи. Со головите на Мухарем и на Илијоски од пенал чаирчани го добија градското дерби против Македонија Ѓ.П. Голот за гостите од Ѓорче Петров во поразот од 1:2 го постигна Кировски.

Табела: Академија Пандев 15, Шкендија и Вардар по 14, Работнички 9, Победа 8, Шкупи, Силекс и Беласица по 5 бода, Ренова 4, Македонија Ѓ.П. 3 бода.

- Оглас -

Најнови вести