Актуелниот првак Шкендија со победа го заокружи есенскиот дел од првенството во Првата лига. Тимот на Јетон Беќири славеше против Башкими во Куманово со 1-3.
Гостите од Тетово први се радуваа на погодок откако Алими постигна автогол и донесе водство од 0-1. Радоста на Шкендија траеше кратко, затоа што само три минути подоцна Пановски одлично проби по десната страна и му асистираше на Филип Алексовски, кој рутински реализираше за израмнување 1-1.
Сенегалецот Фабрис Тамба во 34-тата минута ја врати предноста на Шкендија. Зука ја расчисти топката од гол-линијата по ударот на Ибраими, но Тамба беше подготвен и ја испрати во празната мрежа за 1-2, резултат со кој заврши првото полувреме.
Во вториот дел, иако се очекуваше домашниот тим Башкими да преземе иницијатива, Шкендија продолжи да ја контролира играта и напаѓаше за нов гол.
Фитон Адеми со удар со глава го постави конечниот резултат 1-3, потврдувајќи ја победата на Шкендија.

