7.8 C
Skopje
четврток, 27 ноември 2025

Шкендија ќе брка победа во Приштина, но и Дрита ги посакува трите бода

Македонскиот фудбалски првак Шкендија вечерва гостува во Приштина кај косовскиот шампион Дрита во меч од четврторо коло од лигашкиот дел во Конференциската лига на УЕФА.

Дрита ќе ја има предноста на домашен терен, а тоа е екипа која во првите три кола нема пораз (една победа и две нерешени), што значи дека Шкендија ќе биде пред голем предизвик да стигне до бодови. Тренерот на тетовскиот тим, Јетон Беќири, знае дека овој дуел е многу значаен за двете екипи затоа што со евентуални три бода патот до место во плејофот ќе биде широко отворен.

„Се надевам дека ќе биде спектакл и на трибините и на теренот. Сигурен сум дека и тимот на Дрита и нашиот тим се подготвени да го дадат максимумот. Овој натпревар има големо значење. Се надеваме на позитивен резултат, а за нас тоа значи победа. Важно е да имаме фер натпревар, а нека победи тимот што ќе покаже повеќе на теренот или најдобро ќе ги искористи своите шанси“, вели Беќири во пресрет на денешниот натпревар во Приштина.

Интересно е дека ова е едно од најкратките гостувања на еден тим во европските купови за оваа сезона. Од Тетово до Приштина има околу 130 километри и ао автобус се стигнува за помалку од два часа.

- Оглас -

Најнови вести