Актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Шкендија, без поголеми проблеми се пласираше во осминафиналето откако на гости со 2-0 победи против Кожуф. Тетовчани уште во првото полувреме ги решија сите дилеми околу победникот.
На мечот кој се играше во Гевгелија имаше околу 1.000 гледачи кои даваа поддршка на домашниот тим, но, сепак, квалитетот беше на страната на гостите. Бесарт Ибраими погоди во 13-тата минута за водство од 1-0, а веќе во 28-мата минута беше 2-0, откако прецизен беше Омар Имери.
Ова беше последен меч од првото коло во Купот на Македонија, а се одигра подоцна од предвиденото, поради настапот на Шкендија во квалификациите во Лигата на шампионите, а подоцна и во плејофот во Лигата на Европа.