Македонскиот шампион Шкендија порано од планираното ги заврши подготовките во Словенија, поради итната потреба да аплицира за британски визи, задолжителни за патувањето во Велс, каде што ги очекува натпревар од првото квалификациско коло во Лигата на шампионите против ТНС.
Поради оваа ситуација, тетовскиот клуб го откажа пријателскиот натпревар со Олимпија Љубљана и веднаш по ремито со ЦСКА Софија (1-1) се врати назад во Тетово – три дена порано од планираното.
Британската амбасада ги закажа термините за аплицирање за визи на 26 и 27 јуни, што ги принуди тетовци на промена на плановите.
Шкендија ќе ја одигра последната контролна средба пред заминувањето за Велс во вторник (1 јули) во Тетово, против албанскиот тим Динамо Тирана.