Серијата од четири победи по ред за Работнички заврши на домашен терен со убедлив пораз од 0-3 против Шкендија. За актуелниот шампион на Македонија ова е враќање на победничките патеки, откако претходно коло беше изненаден пред своите гледачи од Пелистер (1-2).
Серијата голови на теренот на ФФМ во Ново Лисиче ја отвори интернационалецот од Косово, Ендрит Красниќи, во седмата минута, а до полувремето Шкендија постигна уште еден гол преку Фабрис Тамба во 37-мата минута.
Малубројните гледачи во комплексот на ФФМ во вториот дел имаа можност да видат само уште еден гол, кој беше дело на Красниќи во 71-вата минута.
Шкендија со оваа победа барем привремено се израмни со Вардар на врвот од табелата во Првата лига со по 61 бод, но скопските „црвено-црни“ вечерва го играат вечното дерби против Пелистер во Битола и имаат шанса повторно да бидат осамени лидери.
Работнички останува во опасната зона со 25 бода, колку што има и битолски Пелистер на деветтото место.

