Шкендија повторно дојде на еден бод зад Вардар, Тиквеш славеше во Струга

Шкендија рутински стигна до нова победа во Тетово откако со убедливо 6:0 славеше над Шкупи во меч од 27. коло на прва фудбалска лига на Македонија. Овој триумф на Шкендија беше повеќе од очекуван, затоа што Шкупи е најслаб прволигаш не само во нашата лига, туку во цела Европа, затоа што цела сезона освои само еден бод.

Уште во првото полувреме тетовци ја завршија „домашната задача“. Мелиќи даде два гола и тоа во 13 и 20 минута, а потоа и капитенот Бесарт Ибраими погоди за 3:0 во 42 минута. Ибраими погоди втор пат во 66 минута за зголемување на убедливата предност.

Во финишот на сцена стапи Латифи, кој истотака постигна два гола. Латифи погодуваше во 85 и 87 минута за убедлива победа на Шкендија од 6:0.

Со овој триумф Шкендија стигна до 20 победа сезонава и со 64 бодови сега повторно е само еден бод зад лидерот Вардар. Според тоа како играат двата тима во црвено-црна боја, многу лесно може да се случи шампионот да се решава во последното 33. коло кога Вардар ќе биде домаќин на Шкендија.

Во втроиот меч кој се играше попладнево, Тиквеш славеше со 2:1 во Струга. Домашниот тим на Струга ТЛ поведе со погодокот на Радески во 21 минута, но гостите возвратија само пет минути подоцна кога израмни Рамадани. Тиквеш дојде до целосен пресврт со погодокот на Сила во 56 минута.

За Тиквеш ова се многу важни бодови во трката да биде сигурен на средина од табелата и да го избегне плејаутот. Кавадарчани сега имаат 40 бодови, додека Струга ТЛ не мрда од третото место и остана на 56 бодови.

 

- Оглас -

Најнови вести