Прилично неочекувани високи резултати донесоа денешните два натпревари од Првата македонска фудбалска лига.
Тиквеш во Кавадарци беше подобар од Башкими со 3-0, а со истиот резултат Арсими дома во Гостивар го шокираше првакот Шкендија.
Комбинираниот состав на Шкендија како многу да мислеше на гостувањето кај Дрита во Приштина в четврток од Конференциската лига и цената ја плати со убедлив пораз. Откако на полувреме беше 0-0, Шефити и Таипи со голови во 46-та и 49-та минута ја шокираа Шкендија, а Јахији стави точка.
Арсими сезонава освои четири бода од два меча против актуелниот првак. Шкендија го претрпе вториот пораз сезонава и сега има 6 бода помалку од Вардар.
Тиквеш одигра маестрално и ефикасно прво полувреме против Башкими, веќе на пауза има 3-0. Кавадарчани и на претходниот меч дома дадоа три гола, но тогаш загубија, а денеска покажаа дека ја научиле лекцијата и недозволија нов кикс. За кавадарчани ова беше најубедлива победа сезонава, а во вториот дел пропуштија прилика да победат и уште поубедливо.

