Македонскиот прволигаш Шкендија доведе уште едно засилување за настапите во квалификациите од Конференциската лига и новата сезона во домашниот шампионат. Тетовскиот тим се засили со дефанзивниот играч од средниот ред, Ибрахим Алхасан Адаму. 23-годишниот фудбалер од Нигерија добро го познава македонскиот шампионат со оглед дека минатата сезона настапуваше за Гостивар.
„Начинот на кој ме пречекаа во клубот ме направи навистина горд. Бев многу среќен кога ја видов понудата од Шкендија, затоа што знам и го сакам стилот на тимот, ми се допаѓа сè околу тимот, начинот на кој играат, изгледаат многу професионално и затоа решив да бидам дел од овој клуб“, изјави Ибрахим Алхасан Адаму откако го стави својот потпис на двегодишниот договор.
Ибрахим Алхасан Адаму минатата сезона беше еден од најстандардните играчи во Гостивар, а претходно играше и во Турција, во клубовите Анкара Кечиоренгучу, Менеменспор и Алтај. Тој во минатото бил член и на нигерискиот национален тим до 20 години.