Екипата на Шкендија загуби со 1:0 на гостувањето на Кипар против АЕК Ларнака во последното коло од лигашниот дел во Конференциската лига на УЕФА, но и тоа беше сосема доволно за македонскиот првак да оствари историски успех. Тетовци се првиот македонски клуб кој успеал да помине лигашка или групна фаза во некое европско натпреварување и да презими меѓу екипите во најсилните натпреварувања на УЕФА.
На крајот, Шкендија со седум бодови го освои 22 место на табелата од 36 екипи. Првопласираните 24 одат во нокаут фазата, а Шкендија по шест одиграни кола заврши со две победи, едно реми и три порази со гол разлика од четири дадени и пет примени гола.
На гостувањето кај АЕК, Шкендија играше да не загуби и до самиот финиш беше 0:0. АЕК даде гол во финишот на првото поливреме, но беше поништен поради офсајд. На почетокот на второто полувреме Лиридон Латифи доби директен црвен картон во 53 минута, па до крајот, гостите беа со играч помалку.
Отпорот на Шкендија беше срушен во 83 минута кога полскиот напаѓач Карол Ангиелски постигна гол за 1:0. АЕК Ларнака со оваа победа се искачи на седмото место на табелата, кое носи директен пласман во осминафиналето на третото по ранг натпреварување на УЕФА.
На 16 јануари ќе биде ждрепката за плејоф дуелите, кои се на програмата на 19 февруари и 26 февруари 2026 година.

