Македонскиот фудбалски првак Шкендија денеска испишува ново историско поглавје, затоа што за прв пат пред своите навивачи ќе игра во меч од главна фаза во едно големо натпреварување на УЕФА. Шкендија на арената „Тодор Проески“ од 18:45 часот ќе игра против Шелбурн од Ирска, во рамките од второто коло на Конференциската лига на УЕФА.
Шкендија загуби со 2:0 во првото коло на гости кај реномираниот шпански примералигаш Рајо Валјекано, додека Шелбурн на свој терен беше неубедлив и одигра 0:0 против Хакен.
Во таборот на Шкендија владее оптимизам затоа што Шелбурн е ривал по мерка. Тетовци сезонава на „Тодор Проески“ победија еден многу пореномиран тим како што е романскиот ФЦСБ, па реално не треба да има заплашување од екипа која доаѓа од Ирска.
Освен за своја промоција, Шкендија игра и за промоција на македонскиот фудбал, затоа што ако вечерва тетовци успеат да останат непоразени, тоа ќе донесе доволно поени, за Македонија од сезоната 2026/27 повторно да може да има четири екипи во Европа (во следната сезона ќе имаме само три екипи во меѓународните натпреварувања).