Македонскиот фудбалски шампион Шкендија ги заврши настапите во домашното првенство, но вниманието сега е насочено кон европската сцена, каде што продолжува со натпреварите во групната фаза од Конференциската лига на УЕФА. Тетовскиот клуб, кој за првпат учествува во ова натпреварување, е на чекор од историски успех – пласман во плејоф-фазата.
За да ја оствари таа цел, на Шкендија ѝ е неопходен поволен резултат на денешното гостување на Кипар, каде што ќе се соочи со екипата на АЕК Ларнака.
Триумфот над Слован Братислава ги одржа шансите на Шкендија за место во плејофот, што значи дека вечерашниот дуел ќе има клучно значење за конечниот исход во групата. Има одредени шанси дури и со пораз Шкендија да се пласира во плејофот од третото по ранг европско натпреварување.
„Во текот на ова натпреварување покажавме дека можеме рамноправно да се носиме и со силни европски противници. Имаме голем респект кон АЕК, но нема да настапиме со страв, без разлика на нивниот квалитет. Со максимална посветеност и сериозен пристап во текот на целиот натпревар, веруваме дека можеме да дојдеме до позитивен резултат“, изјави тренерот на Шкендија, Јетон Беќири.
Средбата меѓу АЕК Ларнака и Шкендија ќе се одигра вечерва со почеток во 21:00 часот.

