Селекторот Благоја Милевски искористи необичен метод на денешниот втор тренинг на македонската репрезентација пред клучните два дуели против Ерменија и Исланд во обидот да стигнеме до баражите за настап на Мундијалот во Катар, а на теренот се најде и школска табла.
Се повторуваа различни варијанти на игра и стартегијата која треба да ни донесе две победи, првата во Ереван на 11 ноември и втората во Скопје против Исланд три дена подоцна.
Репрезентативците внимателно ги следеа инструкциите, се надеваат на двоен ноемвриски успех и на евентуален кикс на Романците, кои се во пол-позиција за второто место во Ј групата бидејќи имаат еден бод повеќе од нас и Ерменците пред стартот на двете последни квалификациски рунди.
Германија е неприкосновена и веќе обезбеди настап на Светското првенство во Катар, што ќе се игра следната година.
Против Ерменија и Исланд ќе биде хендикепиран со отсуството на Аријан Адеми, Адис Јаховиќ и Ердал Ракип, играчи што се повредени и ќе го пропуштат финишот на квалификацискиот циклус.
Македонија за два дена најпрво ќе игра со Ерменија во Ереван на меч што ќе почне од 18 часот и кој мора да се добие, а потоа следува големото финале и дуелот со Исланд во Скопје, во недела на 14 ноември исто така од 18 часот.
Ако Романија киксне со Исланд или Лихтенштајн, можно е да се случи две репрезентации да имаатеднаков број бодови на второто место и тогаш ќе одлучува гол-разликата.
Во моментов Романците со 13 бода имаа гол-разлика 11:8, а Македонија со бод помалку даде 15, а прими 10 гола.